Нашата студентка и стипендистка Славица Бикова зема учество во Еразмус+ проект на тема „Миграции”. Овој проект се одвиваше во соседна Бугарија, во мало планинско село Бродилово во периодот од 18-ти до 27-ми октомври 2018.
„Проектот и активностите околу самата тема за која бевме ангажирани воопшто не беа лесни. Но затоа, ние, учесниците од Македонија, Италија, Шпанија, Естонија и Србија ги вложивме силите и соработувавме за разглобување на темата „Миграции”. Активностите низ кои течеше самиот проект беа разновидни. А самиот проект го отворивме со прекрасната културна вечер, на која што секоја држава го прикажа она што е најкарактеристично за неа.“ – изјави Славица.
Во наредните денови во самиот проект имаше разни работилници, но и примери за тоа како миграциите влијаат на секој аспект од животот.
„Имавме огромна среќа да чуеме и приказна разкажана од поранешен имигрант, кој моментално живее во Софија. Состанокот се одржа во Царево, а учествуваа и лица од Граничната полиција во Бугарија.“ – дополнува Славица.
„Денот потоа беше права авантура. Ние, сите учесници, се ставивме во улога на имигранти т.е. refugees. Искусивме како е да се биде имигрант и на вода и на копно. Вкупната должина која ја поминавме пеш и со чамец до самото село Бродилово изнесуваше 20 километри. Во прилог се дадени фотографии од активноста… Сепак, беше мачно, но прекрасно искуство.“ – продолжи да ни раскажува Славица.
„Но и сепак, и на овие денови им дојде крајот. Научив многу за миграциите и тоа како тие придонесуваат за развојот на економијата. Се надевам дека ова нема да ни биде последен проект од оваа област, бидејќи има уште многу за учење.“ – завршува Славица.