
Со свечен прв академски час МСУ им посака добредојде на студентите во Битола
2 октомври 2026Делегација на Меѓународен Славјански Универзитет учествува на 6. Глобален образовен самит на Универзитетот Чандигар во Индија. Ова е четврто учество на МСУ на настанот, кој обединува претставници на универзитети од целиот свет и отвора можности за академска соработка и размена на искуства.
Делегацијата на МСУ ја сочинуваат:
- Проф. д-р Марија Гроздановска, проректорка за меѓународни односи и развој;
- Доц. д-р Мартин Ѓорѓиев, генерален секретар;
- Михаела Ѓорчева, заменик-претседател на Управниот одбор;
- Иван Спасев, член на Управниот одбор.
Самитот беше отворен во присуство на амбасадори, дипломати, сопственичката и ректорот на Универзитетот Чандигар, како и директорот за меѓународни односи, Раџан Шарма.
Универзитетот Чандигар е значаен меѓународен партнер на МСУ. Само 14 години по основањето, универзитетот го зазема 526. место на QS светската ранг-листа на универзитети за 2027 година.
Во рамките на самитот се водат разговори за воспоставување додипломски и магистерски програми со двојна диплома во областа на вештачката интелигенција. Целта е да се поврзат експертизата и академските капацитети на двата универзитети и да се создадат нови меѓународни образовни можности за студентите.
Претставниците на МСУ ќе имаат обраќања на две теми посветени на одговорната употреба на вештачката интелигенција и нејзиниот придонес кон одржливиот развој. На 6 октомври 2026 година, Михаела Ѓорчева и Иван Спасев ќе се обратат на темата „Промовирање на етичката употреба на вештачката интелигенција за одржливо општество“. На 7 октомври 2026 година, Марија Гроздановска и Мартин Ѓорѓиев ќе зборуваат на темата „Споделување добри практики во употребата на технологии засновани на вештачка интелигенција за постигнување на Целите за одржлив развој“.
Програмата на самитот вклучува и обиколка на кампусот, преку која делегацијата ќе се запознае со инфраструктурата и условите за настава, истражување и студентски живот. МСУ ќе учествува и на саем за високо образование, каде што ќе ги претстави своите студиски програми и можностите за студирање пред меѓународна публика.
Меѓународен Славјански Универзитет упатува честитки до Универзитетот Чандигар за постигнатиот успех и благодарност за гостопримството и можноста за продлабочување на меѓусебната соработка.











