
Потпишан меморандум за соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип
3 септември 2026Зошто понекогаш самите си го отежнуваме она кое што можеме да го избегнеме –Емилија Трајкоска
од Студентски блог – студентски размислувања

Пишува: Емилија Трајкоска, студент на Психологија
Да знаеш дека нешто не е доволно добро за тебе, да чувствуваш тежина и болка а при тоа да не си подготвен да пуштиш е една од најлошите спојки меѓу срцето и мозокот. Приврзаноста, вложеното време и напор, надежта, идеализирањето и сеќавањето само на добрите моменти понекогаш го засенуваат рационалнато и сталоженото донесување на одлуки. Многу луѓе остануваат во односи и врски, на пријателска или љубовна релација поради конфорт, страв од непознатото, привидна немоќ за промена, дефицит на внатрешна сила и губење надеж дека може подобро. Многу луѓе несвесно пролонгираат односи од кои нема останато ништо добро да се извлече, кои долгорочно не функционираат на здрав и хармоничен начин, кои ги прават да се чувствуваат несреќно, во некои случаеви беспомошно, а најлошиот можен исход е губење на себе си, пробувајќи да се смалиш или прилагодиш во оквири кои одамна си ги надраснал или поминал.
Кога тематиката ќе ја гледаме од психолошки аспект, постојат неколку концепти кои ја објаснуваат природата и причинско- последичните врски на човековото однесување во одредени ситуации. Поимот ,,когнитивна дисонанца” зборува за свесноста дека односот не ни придонесува ништо добро, за негогава неизбалансираност и лошите последици по нашето ментално здравје, но сепак постојат одредени емоции кон личноста. Меланхолични чувства за тоа што било, и за тоа што потенцијало може да биде а при тоа сегашноста, односто она што навистина претставува односот во моментот, е ставено во последен план и се занемарува. Наједноставно може да се објасни како конфликт меѓу ,,знам” и ,,чувствувам”. Се појавува и феномен кога сакаме да ја намалиме непријатноста и да го стишиме или исклучиме својот внатрешен глас кој ни кажува дека нешто не е во ред, со тоа што го оправдуваме однесувањето, ги анализираме можните причини за неговото постоење, и влегуваме во т.н. ,,зачаран круг” на правдање и глумење пред самите себе, дека ние сепак можеме да го прифатиме тоа за нормално или убедување на самите себе дека преувиличуваме и дека сепак ,,не е така страшно како што си мислиме”. Желбата и надежта за промена, залажувањето дека не е константно така, односно гледањето само на малиот дел добри атрибути, не кочат и вклештуваат во позиција во која се губиме себе си, пробувајќи да презервираме веќе одамна нефункционален однос.
Начинот на приврзување, кој прво го градиме и учиме од родителите има клучна улога при градењето на врски и односи понатаму во животот. Емоционалната зависност од другиот заслепува за сите недостатоци на личноста, начинот на кој се однесува или прави да се чувствуваш во нејзино отсуство. Кога си заедно ти го имаш својот мир и дом, но моментот кога физички ќе се одвоиш ти чувствуваш таква бура на емоции кои се пропратени со душевен немир. Секоја зависност е лоша и ја разјадува личноста внатрешно, но емоционалната зависност, односно зависноста од другата личност ја избезумува индивидуата до степен каде се може да прифати и премолчи, преку се може да премине само да не биде одвоена или да и биде одземено она за кое залудно се држи.
Психолошкиот феномен на ,,замка на вложеното” (sunk cost effect), дава добро објаснување за природата на човековиот ум. Преку парадоксот на потрошени ресурси, во вид на време, енергија и емоции се објаснува тенденцијата на продолжување со нешто во кое сме вложиле многу од себе. Колку повеќе си се прилагодувал, колку повеќе си се трудел, несебично си се давал, толку потешко станува да пресечеш и да се откажеш од се што до тој момент си градел.
Циклусот на ,,ќе биде подобро” низ неколку едноставни чекори го објаснува човековото расудување во конкретна ситуација. Тоа приближно би изгледало вака: нешто не повредува – сакаме и се спремаме да си заминеме – се појавува надеж дека можеби се уште има потенцијал за промена – се сеќаваме на пријатните моменти поминати заедно – се решаваме да дадеме уште една шанса и остануваме. Не поминува долго време, а проблемот повторно се појавува, бидејќи тој всушност не е решен, туку е само одложен за подоцна. Се јавува рационалниот глас во нас кој неприкинато зборува дека е време да заминеме, зборува за тоа дека е доста, за тоа дека овај циклус, кога- тогаш мора да заврши. Многу луѓе го игнорираат својот внатрешен глас, и го живеаат овој круг повеќе пати, пред навистина да раскрстат со надежта за потенцијална промена.
Идеализирањето на заедничките моменти, памтењето и спомнувањето само на добрите делови и сеќавања, кога лошите и дисфункционалните обрасци се негираат и потиснуваат се додатни објаснувања зошто некои личности се самоповредуваат со тоа што остануваат во односи кои им нанесуваат емоционална штета и во кои не се ценети и почитувани. Затоа секоја личност, првенствено треба да се пронајде и прифати себе во потполност , да си ги увиди мааните и негува предностите, да се запознае себе си, својата душа и срце. Кога личноста ќе го достигне тоа ниво на самоспознавање, кога ќе и биде подобро сама отколку некаде каде не е ценета и почитувана, последователно ќе изгради самопочит и нема никогаш да си дозволи да се изгуби поради некој друг. Нема да си дозволи да пати, да се надева на невозможното, да идеализира однесувања и образци кои прават да се чувствува лошо и не придонесуваат ништо за нејзиниот мир.
Понекогаш е подобро да си сам и спокоен, отколку со некој кој ти дава немир, со кој се повторуваат истите проблеми и со кој не се чувствуваш како вистинскиот ,,ти”. Она што е навистина за тебе ќе дојде, но само тогаш кога ќе научиш на ги пушташ работите за кои си свесен дека повеќе не ти носат ништо добро.
Рубриката студентски блог е иницијатива на Здружението на студенти на Меѓународен Славјански Универзитет. Сите студенти при МСУ кои сакаат своето мислење да го изразат преку кратки есеи, можат својот пишан збор да го испратат на blog@msu.edu.mk.
*Сите испратени дела ќе бидат прегледувани од наш стручен кадар. Прифатените дела ќе бидат објавени на нашата официјална страна.




