М-р Михаела Ѓорчева и Иван Спасев, членови на Управниот Одбор на Меѓународен Славјански Универзитет на 27 септември 2023 година остварија посета на School of Aging Studies при University of South Florida, кој се наоѓа во Тампа, Флорида, САД. University of South Florida е рангиран помеѓу најдобрите 100 универзитети во САД и помеѓу најдобрите 500 во светот.
Во рамки на посетата остварија средба и со директорката на School of Aging Studies при University of South Florida, проф. д-р Дебра Добс. На состанокот присуствуваше и нашиот соработник од Индија, м-р Навдип Пураник, кој е на докторски студии на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, а во моментов е на размена на University of South Florida како меѓународен истражувач за проектот MAIA.
На состанокот се разговараше за нивниот заеднички проект MAIA, кој е поддржан од програмата за истражување и иновации Horizon 2020 на Европската Унија. Проектот MAIA е револуционерен истражувачки потфат кој го истражува клучниот глобален предизвик: ефикасно и ефективно вклучување на населението кое старее во производствените системи на иднината. Оваа иницијатива е многу значајна, со оглед на демографските промени што се случуваат ширум светот. Овој проект обединува експерти од повеќе земји и вкупно 14 универзитети.