Со стихови напишани од Державин во 1795 година, започна свеченоста за откривање на бистата на Г. Р. Державин на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе.
Бистата беше откриена од Виктор Диаков, од Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија.
Со свои говори се обратија и проф. д-р Јордан Ѓорчев, основач на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ и ректорката на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ проф. д-р Ленче Петреска.
На денешниов настан беше предвидено да присуствува и заменик министерката за Образование и наука, Елизабета Наумовска, но поради службени обврски нејзиното присуство беше откажано. Но, добивме писмо кое би сакале да го споделиме со вас.
„Почитувани присутни,
Дозволете да изразам лична благодарност за поканата да присуствувам на денешниот настан на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ и заедно да ја откриеме бистата на личноста, на поетот и државник Державин чие име го носи оваа високо образовна установа и секако тоа име треба да се чествува бидејќи има голема заслуга за развој на литературното творештво во глобални размери.
Истовремено сакам да ви го честитам јубилејот 15 години од основањето на универзитетот, да ви честитам на сите досегашни успеси и успешно изградени генерации на студенти, научници, истражувачи кои се веќе интегрирани во општествените дејности и даваат свој придонес кон нивниот развој, развојот на овој регион, но и кон развојот на државата во целост. И секако, да Ви посакам успех во понатамошното работење и уште многу нови генерации, многу нови конференции и настани со кои ќе продолжите да ја зголемувате репутацијата на високо образовната установа и, и натаму да се етаблирате како еден од столбовите на високо образовниот систем во земјата.
Уверувам дека поддршката од МОН ќе продолжи и во периодот што следи, било дали се работи за логистичка поддршка при организација на научни конференции, било дали се работи за финансиска поддршка на научниците и секако на студентите кои студираат овде и како и сите останати во земјата имаат право на стипендија која ја доделуваме.
Ви благодарам и уште еднаш ви посакувам многу успеси во периодот што следи. “
Державин бил истакнат руски поет кој важел за најголемиот пред Пушкин. Неговото творештво руската критика го смета за врв на класицизмот.
За Державин често се зборува како човек на просветителството во Русија. А познато е дека нашиот универзитет долги години негува соработка со повеќе универзитети во Руската Федерација.