На Еразмус+ студентите вообичаено не им е потребна виза (но, се зависи од земјата од која доаѓаат) доколку нивниот престој е до 90 дена. За да проверите дали е потребна виза, Ве молиме посетете ја веб страницата на Министерството за надворешни работи.

Ако престојот е подолг од 90 дена, тогаш Еразмус+ студентите треба да аплицираат за виза пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија. 

Дополнително, пред да влезете на територијата на Република Северна Македонија, Ве молиме проверете дали Ви е потребен PCR тест.


Постапка за аплицирање за виза


За постапката за аплицирање за виза сите информации се достапни на официјалната веб страница на Министерството за надворешни работи.

Студентите кои имаат потреба од престој од повеќе од 90 дена е потребно да аплицираат за виза за регулирање на привремен престој.

Студентите поднесуваат барање за издавање виза до надлежното дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија, не подолго од шест месеци и не пократко од 15 дена пред почетокот на планираното патување.

Барањето за виза се поднесува лично. По исклучок барањето за издавање виза може да се поднесе и од страна на ополномоштено физичко или правно лице кога странецот е лице со попреченост и странецот е добро познат и не постои сомневање во неговата чесна намера.

За сите детали Ве молиме консултирајте се со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија.


Документи


За обезбедување на виза, ќе Ви бидат потребни најмалку следниве документи:

  • Барање за виза (се поднесува во надлежното дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија)
  • Важечка патна исправа (важноста на патните документи на кои треба да се издаде виза е најмалку три месеци подолго од важењето на визата)
  • Покана издадена од институцијата домаќин
  • Договор за учење
  • Документ/потврда за обезбедено сместување
  • Здравствено-патничко осигурување
  • Доказ за платена такса
  • Дополнителни документи (фотографии, итн.). За дополнителните документи Ве молиме консултирајте се со надлежното дипломатско-конзуларно претставнишство на Република Северна Македонија во Вашата земја.