Што е мобилност на наставен и административен кадар?
Мобилноста на наставен и административен кадар се однесува на вработените на МСУ коишто одреден период престојуваат на институција-домаќин. Видот и траењето на мобилноста се дефинирани со интеринституционален договор и распишан конкурс врз чија основа се остварува мобилноста. Мобилноста се реализира во рамките на интеринституционалниот договор или билатерален договор и постапката за селекција на корисници и обработката на податоци е иста без разлика дали станува збор за мобилност или комбинирана мобилност.
Кадарот што може да оствари мобилност вклучува:
- вработени избрани во наставно-научно, научно и соработничко звање со заснован работен однос на МСУ и неговите единици.
- ненаставен кадар (административен и стручен персонал) вработен на определено или неопределено време на МСУ и неговите единици.
Надворешните соработници немаат право да остваруваат мобилност.
Селекција на корисници на мобилност
Пријавувањето, начинот и критериумите за избор на кандидати се дефинирани во конкурсот во чии рамки се остварува мобилноста.
Канцеларијата за меѓународни односи на МСУ објавува повик за учество најмалку двапати во текот на годината наменет за потенцијалните корисници на мобилност. Повикот се објавува на веб страницата, но и преку другите канали за информирање на МСУ во временски рамки предвидени со програмата или билатералниот договор.
Во повикот се објавуваат и критериумите за избор на корисници на мобилност.
Како да аплицирам?
Упатството за аплицирање е составен дел на повикот за учество на мобилност. Апликацијата треба да биде достапна најмалку на македонски јазик. Аплицирањето се врши преку онлајн форма, со прикачување на потребните документи во формата или испраќање на истите документи на следниот електронска адреса: erasmus.outgoing@msu.edu.mk.
По потреба, од апликантите може да се побараат и дополнителни документи, зависно од Процедурата на селекција.
Доколку има потреба, Канцеларијата за меѓународни односи може да побара од апликантот лично да ги достави документите во Канцеларијата за меѓународни односи.
Рокот за аплицирање е дефиниран во повикот за учество на мобилност. Рокот може да се продолжува повеќе пати, се до целосно пополнување на предвидените места за мобилност.
Канцеларијата за меѓународни односи формира Комисија за селекција на корисници на мобилност која се состои од еден вработен во КМО и два надворешни членови од другите сектори на МСУ.
Услови, времетраење и критериуми за селекција
За да можат да се пријават во процесот на селекција, потенцијалните корисници на мобилност треба да ги исполнуваат следниве основни услови:
- Да се државјани на Република Северна Македонија или да имаат регистриран постојан престој во Република Северна Македонија.
- Минималниот период за мобилност за кадар во рамки на Еразмус+ програмата е 2 дена, а максималниот период е 2 месеци (не броејќи ги деновите за пат). За останатите програми и билатерални договори овие рокови не се обврзувачки, освен ако програмата стриктно не го нагласува тоа. За време на мобилноста на наставниот кадар се очекува корисникот на мобилност да одржи минимум од 8 часови неделно реално време поминато во предавања. За пократок престој од една недела 8 часови е минимум на реално време поминато во предавања. По исклучок, доколку се комбинираат наставни активности со професионално усовршување, минимумот на реално време поминато во предавања е 4 часа на една недела (и во случаи на престој пократок од една недела), освен доколку не е поинаку дефинирано во програмата.
- За одржување настава, да се вработени избрани во наставно-научно, научно и соработничко звање со заснован работен однос на МСУ и неговите единици.
- За стручно усовршување (административен и стручен персонал), да се вработени на определено или неопределено време на МСУ и неговите единици.
- Да имаат барем 12 месеци работно искуство во МСУ.
- Да исполнуваат дополнителни услови доколку се побарани од институцијата домаќин.
Критериуми за рангирање на кандидатите
Корисниците на мобилност се селектираат во фер и транспарентен процес. Конкурсот и изборот на кандидати го спроведува и администрира Канцеларијата за меѓународни односи на МСУ.
Секоја пристигната апликација треба да биде бодувана. Бројот на максимум бодови е 100.
Ако изборот не е поинаку дефиниран со правилата во програмата или билатералните договори, Комисијата го прави изборот во согласност со следниве критериуми:
- Оправданост на предложената програма, степен на усогласеност со Стратегијата за развој и интернационализација на МСУ – 45 бодови
- Мотивациско писмо – 10 бодови
- Степен на релевантност на мобилноста за напредување на работното место – 5 бодови
- Познавање на странски јазик – 15 бодови (по 5 бодови за секој јазик, максимум 3 јазици)
- Препорака од колега и/или раководител на сектор – 10 бодови (по 5 бодови за секоја препорака, максимум 2 препораки)
- Претходно искуство во активности на МСУ – 10 бодови (по 5 бодови за секоја активност, максимум 2 активности)
- Претходен број реализирани мобилности при што најголем број бодови имаат кандидатите кои претходно не учествувале во програма на мобилност (5 бодови).
Комисијата е должна секој одбиен кандидат писмено да го извести за причините за нивното одбивање.