Помош и менторство

Нов модел на активно менторство за подобро образование

Од академската 2016/17 година на МСУ започна да функционира нов систем на активно менторство. Земајќи ги во предвид резултатите од досегашните истражувања, системот за активно менторство се покажа како систем кој треба да го подобри професионалниот живот на студентите, со тоа што ќе им пружи поддршка за остварување на нивните зацртани цели.

Според резултатите од истражувањата, системот има многу предности и позитивно ќе се одрази кај студентите и нивните ментори, бидејќи делува двонасочно. Студентите би ја добиле поддршката што им треба, а менторите би ги забележувале позитивните и негативните влијанија на моменталниот образовен систем.

Моделот на активно менторство сè уште се усовршува и се однесува на идејата за мотивирање на студентите да ги остваруваат своите амбиции. Понекогаш сè што им треба е некој да ги насочи или да ги потсети кои се нивните вредности и колку можат да постигнат, а токму тоа ќе биде задачата на менторот.

Менторот ќе Ви ги даде насоките

Центарот за кариера на универзитетот е на располагање постојано за сите прашања на студентите. Наша цел е на сите студенти да им овозможиме пријатна атмосфера која ќе им помогне на студентите да го остварат својот академски потенцијал.

Од тие причини преку Центарот за кариера после самиот упис имате ментор кој ќе Ве води низ студиите. Менторството е систем во кој професорите и асистентите влегуваат во улога на Ваши водичи во текот на студирањето, слично на класен раководител, но подобро.

Менторот со Вас ќе го споделува своето знаење и искуство и ќе Ви помага да напредувате во својата кариера. Тој е секогаш достапен за Вас и ја нуди својата помош кога и да има потреба.  Ќе Ве информира за сè што Ве интересира во однос на студиите и студирањето, и ќе ви помогне да ги надминете сите проблеми со кои ќе се соочите во текот на студиите.

Менторството е повеќе од само советување или пренесување на искуство. Тоа претставува мотивирање и стимулирање на студентот за препознавање на неговите сопствени потенцијали и цели и нивно остварување. Менторот нема да дојде до целта наместо студентот, туку ќе го научи како да дојде до неа.

Со други зборови, менторот ќе се труди да го научи својот студент на техниките на „ловење риба“, наместо да му остава веќе „уловени риби“.

Зошто менторството е добро за студентот?

Студентот ќе може да ги оформи и постигне своите цели побрзо и поефективно отколку да работи сам. Имајќи пристап до искуството и гледиштата на менторот, тој ќе може да ги предвидува позитивните и негативните карактеристики од определени постапки и да донесува заклучоци полесно.

Менторот ќе Ви помогне да согледате каде се наоѓате сега, каде сакате да бидете и како да стигнете до таму. Ќе укаже на потребните промени за совладување на дадени препреки со цел да го подобри Вашиот професионален развој.

Кои се карактеристиките на добар ментор?

Менторството е двонасочна патека. Менторите можат многу да научат од студентите со кои работат, бидејќи им помага да си ги развијат своите комуникациски вештини. Менторството нуди и лични придобивки, учејќи на несебичност, посветеност, колегијалност.

Менторот сака да им помага на другите да ги остварат своите потенцијали. Во нив може да имате доверба – тие ќе Ве сослушаат и ќе Ви укажат на работите кои ги правите правилно и работите кои треба да се променат.

Менторот го охрабрува својот студент, му дава совети и го бодри да оди напред кон поголеми успеси и достигнувања.

Модел на менторство

На почетокот на годината можете да го посетите нашиот Центар за кариера и да побарате да Ви биде доделен ментор. Менторот може да Ви го додели Центарот за кариера, а можете да го изберете и сами.

На почетокот менторот ќе Ви помогне да се запознаете со универзитетот, правилата и условите за студирање, начинот на информирање и „преживување“ на првиот семестар.  За сите нејасни работи можете да му се обратите нему.

Менторот може да Ви дава совети за избирање на изборни предмети, теми за проектни активности, учество на семинари, конференции, проекти. Доколку менторот смета дека ќе биде корисно за Вас и Вашата кариера, тој може да Ви предложи пракса во определена компанија или тимска работа при решавање на определен проблем.

Со следењето на советите на искусниот ментор ќе можете да ги развиете Вашите силни страни и потенцијал, да ги идентификувате Вашите потреби и вредности и да определите што е важно за Вас и Вашата кариера.

Сè зависи од тоа што сакате да постигнете и колку енергија сте подготвени да вложите во остварувањето на Вашите цели.


Факултет за правни науки | 2017

Уписите на додипломските и последипломските студии на Факултетот за правни науки се веќе започнати! ⏰Наставните програми им нудат на идните студенти можност да се стекнат со потребната теоретска основа и практични познавања, способности и вештини од областа на правото.И Вие сакате да студирате право? ? Прочитајте повеќе на: http://msu.edu.mk/fakulteti/fpn/dodiplomski/ ?Официјален руски партнерски универзитет. ?? ??

Posted by Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ on Monday, June 26, 2017