Партнерство со Русија

Славјански скоро 10 години го негува пријателството со партнерот од Русија – Тамбовскиот државен универзитет „Г. Р. Державин“.

Двојни дипломи за нашите економисти и психолози

На нашиот Универзитет за студентите од Факултетот за економија и организација на претприемништвото и Факултетот за психологија нудиме можност за стекнување со двојна диплома, од кои едната е македонска, издадена од ПВУ МСУ „Г. Р. Державин“ – Македонија, а другата руска, издадена од Државниот Тамбовски Универзитет – „Г. Р. Державин“ – Тамбов, Русија.

За да се стекнете со двојна диплома потребно е да ги положите сите испити по македонската програма, како и дополнителни испити од руската програма, за дел од кои веројатно ќе треба да го посетите нашиот партнерски универзитет.

tgu rusijaПријателството е важно

Во оваа соработка не се интегрираат само универзитетите, туку се испреплетуваат и личните судбини на луѓето – професори и студенти. За овие десет години се изгради плодотворна наставна и научна соработка меѓу македонските и руските колеги. Тоа е најважниот индикатор на ефективноста и искреноста на нашите односи.

Руски професори во Македонија

Во рамки на редовната професорска размена, во Македонија гостуваа професори од Русија по руски јазик и програмирање. Професорите беа вклучени во процесот на настава, а дополнително организираа бесплатни курсеви по руски јазик за нашите студенти.

Македонци во Русија и Руси во Македонија

Секоја година се одржуваат по две студентски размени, кога студенти од Македонија гостуваат во Русија и руски студенти ја посетуваат нашата земја. Македонските студенти заминуваат на студентска размена во месец октомври, додека руските студенти доаѓаат во Македонија во месец април.

Заедничка конференција

Во април секоја година се одржува меѓународната научна конференција „Меѓународен дијалог: ИСТОК-ЗАПАД“, која е заеднички организирана од МСУ и Тамбовскиот универзитет на која учество земаат истакнати научни работници од Македонија, Русија, Бугарија, Србија, Босна, Албанија, Косово итн.

Руски археолози во Македонија

Оваа година ние воспоставивме уште една перспективна насока. Тамбовските археолози учествуваа во археолошки ископувања на територијата на Македонија, поконкретно на локалитетот Билазора. Соработката се продлабочи преку работата и дружбата на македонски и руски историчари и археолози. Остварените контакти меѓу нив остануваат да сведочат за значењето на меѓународните односи не само на професионален, туку и на приватен план.

Иднината на нашите односи

Главното тежиште во образовниот процес ќе го концентрираме на проширување на паралелните и заедничките образовни програми со издавање на двојни дипломи. Ќе ги прошириме заедничките проекти на студентска и професорска размена. Таму каде што е можно, ќе ги вклучиме професорите од двата универзитети во настаните од локално значење.