Трансфер на студенти

Меѓународниот Славјански Универзитет овозможува преминување, односно трансфер на студенти од други универзитети на МСУ. Исто така, дозволено е и трансфер помеѓу самите факултети на МСУ.

Конкурсот за трансфер се објавува двапати годишно:

  • пред почеток на зимски семестар
  • пред почеток на летен семестар

Право на трансфер имаат сите студенти од други факултети од Република Северна Македонија и странство. Кандидатите се запишуваат без полагање на приемен испит.


Како се прави трансферот?


Пред трансферот треба да доставите Уверение за положени испити од претходниот факултет. Потоа, деканот ќе го разгледа уверението и ќе бидете информирани колку од испитите кои сте ги положиле на претходниот факултет може да Ви бидат признаени.

Зависно од бројот на испити што ги имате положено и од тоа колку програмата по која дотогаш сте студирале се совпаѓа со нашата, се определува кои предмети се признаваат и во која година од студиите ќе бидете запишани.

Доколку на пример, се запишете директно во втора година, веројатно ќе има испити од нашата програма кои ќе Ви останат од прва година (диференцијални испити). Истите испити ќе можете да ги полагате во некоја од нашите четири сесии (две редовни и две вонредни), во однапред определената учебна година. За полагање испити од претходните студиски години се доплаќа по 3000 денари (еднократно). Доколку не положите од првпат, не плаќате повторно, туку го задржувате правото да го полагате испитот уште двапати. Студентот има обврска да ги положи предвидените предмети пред почетокот на следната учебна година, односно заклучно со први октомври во наредната учебна година.


Колку ЕКТС се потребни за трансфер?


Доколку има компатибилни предмети од најмалку 31 европски кредити во една студиска програма на МСУ студентот може да направи трансфер во втора година на прв циклус студии.

Доколку има компатибилни предмети од најмалку 62 европски кредити во една студиска програма на МСУ студентот може да направи трансфер во трета година на прв циклус студии.

Доколку има компатибилни предмети од најмалку 93 европски кредити во една студиска програма на МСУ студентот може да направи трансфер во четврта година на прв циклус студии.


Школарина


За сите студенти школарината е еднаква, па така за студентите кои се префрлаат од други универзитети важат истите правила. Школарината е еднаква и за редовните и вонредните студенти.

Според тоа, вие плаќате школарина само за годините во кои ќе студирате. Ако се запишете во втора година, плаќате само за втора година и потоа трета, четврта, како што течат студиите.

Нудиме можности за плаќање на рати и попусти за плаќање на целокупната школарина пред почетокот на годината. Истите поволности кои важат за другите студенти, важат и за студентите кои прават трансфер. За дополнителни попусти и бенефиции, проверете го менито за школарина.


Вонреден или редовен?


Кандидатите можат да бидат запишани како редовни или вонредни студенти со самофинансирање на студиите.

Редовните студенти се обврзани да посетуваат настава, додека вонредните имаат обврска да доаѓаат само на испитите. Како вонредни студенти се запишуваат претежно лицата кои се вработени и немаат време да ги посетуваат сите предавања.

За упис како вонреден студент лицето е должно да достави потврда дека е вработено или медицинска белешка со која се потврдува дека не може да посетува настава.

Редовните студенти и вонредните студенти студираат како студенти со еднакво финансирање на студиите, односно школарината е иста.


Потребни документи за трансфер


При пријавувањето за трансфер на прв циклус на студии, кандидатите ги поднесуваат следните документи:

  • Исписница од претходниот факултет или Уверение за положени испити;
  • Диплома за положена државна или меѓународна матура;
  • Свидетелства од сите 4 години;
  • Копија од извод од матична книга на родените;
  • Копија од државјанство и
  • 4 мали фотографии во боја.

Документите за пријавување се поднесуваат во просториите на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе на ул. „Маршал Тито“ бр. 77 или во Битола на ул. „Новачки пат“ бр. 16.


Имате прашања?


За дополнителни прашања слободно посетете ја страницата за Често поставувани прашања или обратете ни се преку подолу дадената форма. Ветуваме дека ќе Ви одговориме најбрзо што можеме!

CAPTCHA image