Декан

Aleksandar Ilievski

проф. д-р Александар Илиевски

Почитувани колеги, идни правници,

Особена чест и задоволство ми е да Ви се обратам како Декан на Факултетот за правни науки при Mеѓународниот Славјански Универзитет. Од мое лично искуство сакам да Ви кажам дека периодот на студирање претставува најубавиот дел од животот на секој човек. Овој период искористете го максимално бидејќи како сè друго во животот, и ова искуство е неповторливо.

Професијата правник е од суштествено значење за секое модерно и современо општество. Имате чест да се запишете на првиот правен факултет во Република Македонија кој е акредитиран и почнува да работи по најновите измени на Законот за високото образование, со кој професијата правник е регулирана професија и е сместена во групата на регулирани професии во Република Македонија.

Сакам да напоменам дека од моментот на запишување, Факултетот за правни науки треба да претставува факултет во кој ќе можете да се пронајдете себе си. Професијата правник, како што претходно споменав, е регулирана професија што значи големи бенефиции, но и големи одговорности. По завршувањето на факултетот некои од Вас ќе бидат судии, адвокати, административни работници во државните и локалните служби, министри, пратеници, дипломати и многу други професии кои факултетот за правни науки ги нуди како можност.

Секоја од претходно наведените професии и оние кои ги немам наведено, а во кои ќе може да се пронајде кој било од Вас, е многу одговорна и чувствителна и од Вас се очекува не само да се стекнете со знаења, туку и да бидете морално и етички подготвени за одговорностите со кои ќе се сретнете по завршување на факултетот. За да бидеш квалитетен правник потребно е да го почитуваш и спроведуваш законот, да не подлегнуваш на ничии притисоци, кои те наведуваат да го прекршуваш законот и пред сè да се бориш секогаш да победуваат правдата и правичноста, како основни постулати на нашата професија.

На крај сакам да напоменам дека на овој факултет Ве очекува колектив кој е спој од младост и ентузијазам со зрелост и искуство, поддржано од еминентни научни работници од странство а пред сè од универзитети од Русија, со кои нашиот Универзитет има долгогодишна соработка.

Теоретската надоградба ќе биде надоградена со квалитетна практична работа,  за полесно, Вие, нашите студенти, да можете да ги пронајдете своите места на пазарот на трудот.

Уште еднаш, нека Ви е со среќа поминувањето на најубавите години од животот во кој се одредува едно од најважните прашања во животот, а тоа е професијата.