Декан

Diana Belevska

проф. д-р Диана Белевска, декан

За мене, а верувам и за моите студенти, најголем предизвик е да ја дефинираме нашата секојдневна работа, затоа што секој момент, секој час, секое предавање се трудиме да го доживееме во неговата целовитост и интерна комплексност. Да се студира науката за перцепцијата, мислите, однесувањето, свеста, па да се продлабочува кон психопатологијата, а при тоа да се остане доследен на научните методи и техники кои паралелно се совладуваат, е за почит. Затоа, ние, пред сè ги почитуваме нашите студенти и нивниот избор на студии. Велам ние, бидејќи низ повеќегодишната професионална соработка со Меѓународниот Славјански Универзитет „Г.Р.Державин“, воодушевена од исклучителната професионалност и посветеност на сите мои колеги, од функционалната едноставност на административниот сектор, од доблесната наклоност на раководниот тим кој стимулира и мотивира, а најмногу од моќта за брз едукативен напредок на студентите, ми стана сосема природно јас и овој функционален систем да се интегрираме во едно „ние“.

Психологијата е наука, науките се студираат, но она за што јас ја избрав психологијата пред другите науки е нејзиниот специфичен предмет на изучување и опсервација – човекот со целокупната комплекност на неговата индивидуа како целина и неговите релации со сличните, но различни од него, другите луѓе. Задоволна сум од мојот избор бидејќи континуирано ми овозможува коеволуција на мојот професионален со мојот приватен селф. Она што ми го пружа психологијата како наука ми помага во личното себеспознавање, а она што го откривам запознавајќи се себе си ме прави подобар психолог, така ко-еволуираме јас и мојата професија. На сите идни студенти кои се пронајдоа во оваа релација им посакувам добредојде во психологијата. Изострете го слухот, зајакнете го видот, учете го вкусот, сакајте го допирот и чувствувајте го мирисот затоа што психологијата е наука која се апсорбира низ сите сетила, обзема целосно и се всадува во Вас.

Науките се студираат низ организирани студиски програми, студиските програми се интегрираат во факултети, сите носат свои специфики и обележја, дури и кога изучуваат иста наука. Факултетот за психологија при Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, ги надминува моите очекувања и во целост ги исполнува критетиумите на институт доследен на тежината на психологијата како наука.